Шефот на Мосад ја напушти Доха, но преговорите продолжуваат

Шефот на израелската разузнавачка служба Мосад, Давид Барнеа, ја напушти Доха по разговорите за воспоставување прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас, изјави портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи Маџед ал-Ансари.

Портпаролот додаде дека Катар сепак е „внимателен оптимист“, дека техничките разговори меѓу Израел и Хамас продолжуваат и дека Катар им пренесува пораки на двете страни.

Ал Ансари изјави и дека во овој момент не може да каже дека договорот е блиску, и дека е рано да се најавува некаков успех, но дека Катар се уште се надева на тоа.

Тој, исто така, предупреди дека секоја израелска копнена операција во Рафах ќе биде катастрофа, бидејќи последиците ќе бидат големи разурнувања и злосторства, како и дека тоа ќе ги уназади преговорите.

Напорите на посредниците денеска се засилени, за да се постигне прекин на огнот по повеќе од пет месеци војна во која е опустошен Појасот Газа и во која загинаа десетици илјади луѓе и поради најавата на Израел за офанзива врз Рафах, најјужниот град во Газа.

Агенциите на ОН во меѓувреме предупредуваат на опасност од глад во опколената територија, која стана „гробишта на отворено“, како што изјави високиот комесар на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.