Шефот на ОН во Синај повторно повика на прекин на огнот во Газа

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој во саботата пристигна на Синај за да ја посети границата на Египет со Појасот Газа, повторно повика на прекин на огнот со цел да се достави помош за енклавата уништена од петмесечната инвазија на израелската арнија во палестинската енклава, или како што вели Израел војната против милитнатното исламистичко движење Хамас.

Посетата на Гутереш доаѓа во време кога Израел се заканува дека ќе започне голема копнена воена операција во градот Рафах, на самиот југ од енклавата долж границата со Египет. Повеќето од 2,4 милиони жители на Појасот Газа се засолнија во и близу Рафах, и додека условите се полоши на северот од енклавата, состојбата на цивилното население низ Газа значително се влошува.

Гутереш пристигна во Ал Ариш, на северот на египетскиот полуостров Синај, каде што се доставува и складира голем дел од меѓународната хуманитарна помош. Регионалниот гувернер Мохамед Шуша го известил Гутереш дека на северот на Синај околу 7.000 камиони чекаат да достават помош во Газа, но дека строгата инспекциска контрола од израелската страна ја забавува испораката на помошта.

Според најавите, Гутереш треба да ја посети болницата во Ал Ариш каде се лекуваат евакуираните Палестинци и да се сретне со хуманитарните работници на ОН на египетската страна на граничниот премин во Рафах.

Додека надежите за примирје бледнеат за време на светиот муслимански месец на постот Рамазан, а хуманитарната ситуација во Газа продолжува да се влошува, САД и другите земји ја намалуваат помошта од воздух. Хуманитарните агенции посочуваат дека само една петтина од неопходната помош влегува во Газа и дека е неопходно да се забрза испораката на помош за Газа по пат.