Новиот лидер на Габон, генерал Брис Олигуи Нгуема ќе положи заклетва како „преоден претседател“ в понеделник пред Уставниот суд, соопштија водачите на државниот удар.
Според нив, тие „постапно ќе влезат во преодните институции“.
Габонската хунта објави дека го назначила генералот Брис Олигуи Нгуема за привремен лидер, а успехот на овој удар ќе претставува крај на 56-годишното владеење на семејството Бонго во таа поранешна француска колонија, земја која сега е една од најголемите африкански производители на нафта.
Воената хунта вчера објави дека ја презела власта и го ставила претседателот Али Бонго во домашен притвор. Пучистите ги поништија изборните резултати со кои Бонго доби трет мандат, а ова е осми пуч во Западна и Централна Африка од 2020 година.
-Предизвиците со кои се соочува Габон мора да се решат во согласност со принципите на владеење на правото, уставниот поредок и демократијата, изјави Борел, висок претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност. Од тоа зависат мирот и благосостојбата на земјата, како и регионалната стабилност, додаде тој.
Борел нагласи дека ЕУ е крајно загрижена за начинот на кој беа спроведени претседателските избори, кои му претходеа на државниот удар.