Шефовите на глобалните медиуми бараат заштита на новинарите во Газа

Шефовите на неколку светски медиумски куќи потпишаа писмо во кое ги повикуваат израелските власти да ги заштитат новинарите во Појасот Газа, велејќи дека за време на израелскиот напад врз енклавата новинарите работеле во невидени услови и се соочуваат со „голем личен ризик“.

Медиумски куќи чии главни уредници го потпишале писмото во четвртокот ги вклучуваат Associated Press, AFP, Reuters, New York Times, Washington Post, BBC, CNN, Guardian, Financial Times, Der Spiegel и израелски Haaretz.

Во војната меѓу Израел и Газа досега се убиени вкупно најмалку 94 новинари; најголемиот дел од нив, или 89 се Палестинци убиени од израелската армија, според Комитетот за заштита на новинарите (CPJ), кој објави писмо потпишано од шефовите на 59 новински организации.

Од CPJ велат дека војната во Појасот Газа е „најопасната досега“ за новинарите. Израел негира дека намерно гаѓал новинари и цивили, велејќи дека само ја напаѓа палестинската исламистичка група Хамас, која управува со Појасот Газа.

„Овие новинари… продолжуваат да известуваат и покрај сериозниот личен ризик. Тие продолжуваат и покрај загубата на семејството, пријателите и колегите, уништувањето на домови и канцеларии, тековното раселување, прекините на комуникацијата и недостигот на храна и гориво“, се вели во писмото.

„Новинарите се цивили и израелските власти мора да ги заштитат новинарите како неборци според меѓународното право“, се додава во писмото.

Хамас го нападна Израел на 7-ми октомври, убивајќи 1.200 луѓе, според израелските податоци. Израел оттогаш воено ја нападна Газа, управувана од Хамас, убивајќи повеќе од 30.000 Палестинци, од кои многу цивили а најмногу деца, во бомбардирањето на малата пренаселена енклава, според локалното Министерство за здравство.

Голем дел од Газа е срамнет со земја во израелската сеопфатна офанзива, а речиси сите нејзини 2,4 милиони жители се раселени и се на работ на глад. Јужноафриканската Република го обвини Израел за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП – ICJ) на ОН со седиште во Хаг. Израел ги негира обвинувањата и вели дека дејствува во самоодбрана по нападот на 7-ми октомври.