Челникот на Светската здравствена организација (СЗО – WHO) и челникот за хуманитарна помош на Обединетите нации апелираа за продолжување на исплатите на главната агенција за помош во Појасот Газа, велејќи дека ќе следи катастрофа доколку средствата останат замрзнати.
„Ниту еден друг ентитет нема капацитет да обезбеди обем и широчина на помош што им е итно потребна на 2,4 милиони луѓе во Газа“, порача шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус на мрежата Х.
Ги повика сите да продолжат со уплатите за Агенцијата на Обединетите нации за помош за палестинските бегалци (UNRWA).
„Одлуките на различни земји да го замрзнат финансирањето на UNRWA, најголемиот снабдувач на хуманитарна помош во оваа криза, ќе имаат катастрофални последици за луѓето во Газа“, додава Тедрос.
САД слчедени од своите сојузници Велика Британија, Германија, Канада, Австралија ги суспендираа исплатите по обвинувањата дека неколку вработени во UNRWA биле директно или индиректно вмешани во бруталниот напад од Хамас во Израел на 7-ми октомври. Израел процени дека бројот на луѓе е околу десет, а за некои од нив се вели дека се одговорни за киднапирањето на Израелците.
Шефот на СЗО, исто така, повика на ослободување на заложниците киднапирани од Израел на 7-ми октомври, да не се запираат конвоите со хуманитарна помош за Појасот Газа и здравствените установи да бидат поштедени од напади и употреба од страна на милитантите.
„И ние продолжуваме да повикуваме на прекин на огнот“, рече Тедрос.
Координаторот на ОН за вонредни состојби Мартин Грифитс го нарече UNRWA „чукање на срцето“ на Газа. Говорејќи во Советот за безбедност на ОН во Њујорк во средата ноќта, тој рече дека е ужаснат од тврдењата, но дека „услугите за спасување животи… не треба да бидат загрозени од наводните постапки на неколку поединци“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во средата изјави дека агенцијата на ОН за палестинските бегалци мора да биде затворена, бидејќи, според израелските сознанија, некои нејзини вработени учествувале во нападот на Хамас врз јужен Израел минатиот октомври.