Шеикот намерно го понижи Флорентино Перез

Вицешампионот на Франција, тимот на ПСЖ, ова лето ги одби сите понуди кои Реал (М) ги испрати за услугите на Килијан Мбапе, иако најбогатата беше нешто повеќе од 200 мил. евра.

Иако, репрезентативецот на Франција, јасно кажа дека сака да си замине од „Паркот на принцовите“ и да се пресели во шпанската престолнина, раководните лица на ПСЖ на крајот не ја исполнија неговата желба. Тие решија дека мора да остане во Париз и заедно со Лионел Меси и Неимар, да го нападнат трофејот во најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.

Тоа значи дека Мбапе ќе може да си замине од Париз на крајот од идната сезона, без никакво обештетување, затоа што неговиот актуелен договор со „светците“ е со важност до 30. јуни 2022 година.

Калид бин Хамад Бин Калифа Ал-Тани, братот на катарскиот емир Тамим бин Хамад Ал Тани, кој е сопственик на ПСЖ, веднаш откако и официјално беше ставен крај на летниот преоден рок објави фотографија со која го исмеа неуспешниот обид на „кралскиот клуб“ во последните неколку часа од преодниот рок да ги осигура услугите на Килијан Мбапе.

Тој на својот твитер профил објави фотографија од претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи, кој се смее покрај видно разочараниот претседател на Реал (М), Флорентино Перез, а под фотографијата напиша: „Крај!“.