На Армискиот полигон Криволак денеска беа презентирани моделите на лесните тактички оклопни возила на производителот „Oshkosh Defense“ за кои е планирано да станат составен дел од капацитетите на Армијата на Република Македонија.
На презентацијата меѓу другите беа присутни и министерката за одбрана Радмила Шекеринска и заменик-началникот на Генералштабот генерал-мајор Азим Нуредин.
Заменик-началникот на ГШ на АРСМ нагласи дека еден од клучните фактори за модерна и ефикасна армија способна за извршување на мисијата од Уставот на Македонија и успешно извршување на мисиите во рамки на НАТО е опременоста.
– Генералштабот заедно со Министерството за одбрана навремено ги согледа потребите за модернизација и опремување на Армијата што паралелно со проекциите за буџетот и планот за трансформација се правени проекции за потребните материјално-технички средства и борбена опрема. По полноправното членство во НАТО со добивање со пакетот на цели на способности и квалитативни цели јасно ги дефиниравме очекувањата и приоритетите за опремувањето и модернизацијата на Армијата, процес што се одвива и ќе се одвива согласно предвидената динамика, а врз основа на долгорочниот план за развој на одбранбените способности 2019-2028 и согласно Законот за јавни набавки во областа на одбраната и безбедноста, рече Нуредин.