Како Влада и како луѓе ќе правиме сѐ што е во наша можност да не направиме сите ние да бидеме заложници на историјата. Темните страници од балканската историја не треба да ни бидат судбина и ако европските нации најдоа сила да не забораваат, но да простуваат, тоа треба да го правиме и ние. Нашиот обид како Влада е да наоѓаме решенија кои ќе ни обезбедат европска иднина, нагласи во четвртокот министерката за одбрана Радмила Шекеринска одговарајќи на новинарско прашање.
Претходно НетПрес упати писмено барање за коментар од Шекеринска, како втора фигура во владејачката СДСМ, во врска со вчерашното интервју за новинската агенција БГНес, на Зоран Заев, по што од кабинетот на министерката ни беше одговорено дека таа веќе одговорила на тоа прашање и оти можеме да ја искористиме изјавата дадена на настанот.
Имено, прашањата упатени до Шекеринска беа дали ставовите кои ги изнесува Заев во врска со преговорите со Бугарија се резултат на претходен договор и изграден партиски став на СДСМ, како и барање за коментар во врска со барањата на Софија за признавање од македонската страна дека идентитетот и јазикот се политички творби?!
Вака, како што е посочено, Шекеринска делумно одговора на нашето прашање дали таа лично се согласува со ставовите дека во периодот на Втората светска војна на територијата на Македонија имало само администрирање на бугарска управа а не и окупација и сузбивање на антифашистичкиот отпор во Македонија?
Всушност Шекеринска во одговорот на новинарско прашање околу реакциите за интервјуто за бугарски медиум на премиерот Заев, го појаснува својот партиски лидер дека она што тој го кажал „не е негација ниту на фашистичката опасност, ниту на нашата антифашистичка борба“.
„Планот, политиката, желбата на премиерот е да отвори малку повеќе врати меѓу соработката на Северна Македонија и Бугарија и да не дозволи тоа што се случувало пред 70 години да ни биде единственото нешто за што дискутираме во 21-от век“, нагласила Шекеринска, како што пренесува државната новинска агенција МИА.
Министерката за одбрана потенцирала притоа дека она што го покажале во изминатиот период како Влада е дека сакаат и знаат да работат на компромис, но и дека кажувааат „не“ и не бегаат од „не“ таму каде што предлозите се неприфатливи. Така, како што посочи, ќе продолжат да прават и понатаму.
„Фашизмот нема етничка боја. Денес кога зборуваме за нашите односи со Германија, не дозволуваме тие односи, како ни односите меѓу Франција и Германија, да бидат доминирани од прашањето на фашистичкото минато. Прашањето не е дали ќе ја читаме или ќе ја заборавиме историјата, треба да се памети историјата. Прашањето е дали денеска ќе ги носиме одлуките исклучиво базирани на тоа што се случувало пред 70 години. Јас мислам дека мнозинството граѓани особено оние кои се силни поддржувачи на антифашистичката борба во Македонија сакаат да ја гледаат иднината како таква шанса, не како заложник на историјата“, заклучила Шекеринска денеска на отворањето на Лабораторијата за кризен менаџмент во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“
.