Шекеринска избрана за потпретседателка на европските социјалисти

На конгресот на Партијата на европски социјалисти (PES) Радмила Шекеринска, истакнат член на СДСМ, е избрана за потпретседателка на групацијата на европските социјалисти.

Партиите на левиот центар моментално се дел од 13 од 27-те влади во ЕУ, вклучително и тричлената коалиција во Германија под водството на социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц кој во саботата ќе го одржи говорот кој се оценува како клучен.

Меѓу социјалистичките челници коишто во петокот пристигнаа во Берлин на дводневниот самит на PES се лидерите на владите на Шпанија, Португалија, Шведска, Норвешка и Финска.

„Честа е дотолку поголема што ова е првпат ПЕС да избере на таа позиција личност која доаѓа од земја која не е членка на Европската Унија. Благодарност до новиот претседател Стефан Лвен, кој го даде предлогот и до сите мои колеги кои го поддржаа“, напиша Шекеринска на својот фесјбук-профил.

Лани во декември тогашната министерката за одбрана Радмила Шекеринска се повлече од Владата поради несогласување со дел од политиките во СДСМ.

Шекеринска тогаш сооопшти дека се повлекува од министерската позиција поради принципиелни причини и нема да учествува во составувањето на новиот владин кабинет со кој, по повлекувањето на Зоран Заев, ќе управува новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски.