Шекеринска: Врвна одговорност е државата да обезбеди целосно функционирање на институциите и да се подготви за вториот бран на епидемијата

Врвна одговорност е државата да обезбеди целосно функционирање на своите институции и да се подготви за вториот бран на епидемијата. Веднаш штом ќе се создадат услови, штом епидемијата ќе даде шанса да организираме избори, тоа треба да го направиме, порача денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

-Одлуката ќе ја носиме низ консултации. Не сакаме државата да влезе и во вториот бран на можната епидемија во втората половина на годината без Собрание и без целосно функционални институции во полн капацитет. Затоа сметаме дека се неопходни избори, изјави Шекеринска во одговор на новинарско прашање по полагањето цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје по повод 117-годишнината од смртта на македонскиот револуционер.

Во моментов, посочи, целиот свет се справува со последиците на КОВИД-19 вирусот и се подготвува не само за овој прв бран кој што беше во тек, туку се подготвува и за втората фаза на епидемијата, која сите ја очекуваат во втората половина на годината.

-Несериозно е како држава и ние тоа да не го правиме. Во моментов имаме вонредна состојба, и имаме Собрание кое што е распуштено. Сметаме дека врвна одговорност е државата да обезбеди целосно функционирање на своите институции и да се подготви за вториот бран на епидемијата. Затоа нашиот став беше веднаш штом ќе се создадат услови, веднаш штом епидемијата ќе ни даде шанса да ги организираме изборите, тоа и да го направиме, потенцира Шекеринска.

Навистина се чудам, додаде, на политичките партии кои многу зборуваа за избори, а бегаат од избори и од било каква најава да дискутираме на оваа тема.

-Само во тек на шест дена, ВМРО-ДПМНЕ излезе со два сосема спротивни става по вонредната состојба. Прво нивниот претседател тврдеше дека втората вонредна состојба тој не можел да ја разбере, за  потоа потпретседателот на неговата партија, да вели дека неопходно е вонредната состојба да продолжи. Станува јасно дека не се грижат за епидемијата, не се грижат за граѓаните, не се грижат за државата, туку единствената цел е да ја избегнат опасноста за нив наречена избори. Свесни се дека граѓаните ги памтат не само поранешните политики, туку памтат и дека во период на епидемија тие се трудеа да тераат политика, а не да помагаат на државата да се справи со ова зло, рече Шекеринска.