Шешељ бара 12 милиони евра оштета од Хашкиот трибунал

Воислав Шешељ, претседателот на српските радикали побара од Хашкиот трибунал да му исплати оштета од 12 милиони евра поради неоснованиот притвор во кој е цели 11 и пол години, објавуваат српските медиуми, пренесува Нетпрес.

Тој бара надомест за „изгубената заработка, неискористеното право на работен однос, изгубените придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, трошоците за посета на семејството и се што следува како материјална и нематеријална штета“. Тој исто така смета дека му следува надомест и за трајно изгубеното здравје по 135 месеци поминати во притвор.

Според пресметките кои ги направил Шешељ, имајќи притоа предвид дека доколку овие години работел како пратеник во српското собрание, што е неодминливо бидејќи во моментот на заминување во Хаг бил пратеник ќе добиел повеќе од 210 000 евра. Тој пресметал трошоците од 500.000 евра за неговото семејство што доаѓало да го посети, за посетите на членовите на партијата пресметани се повеќе од 120 000 евра. Шешељ за повреда на честа бара 675.000 евра, а за душевната болка 5 000 000 евра. Трошоците на одбраната ги проценува на повеќе од 3 милиони евра.

Тој во барањето потсетува дека доброволно се предал на 24 февруари 2003 година, и оттогаш е во Шевенинген.