Властите во шест американски сојузни држави регистрирале рекорден број нови случаи на зараза со коронaвирусот на дневно ниво, според извештаите на тамошните здравствени служби, а истовремено од Белата куќа изјавија дека не се очекува втор бран на епидемијата во САД.
Во Аризона во вторникот беше објавено дека изминатото деноноќие се регистрирани рекордни 2.392 случаи на заразата со вирусот, додека вкупниот број потврдени случаи во оваа сојузна држава изнесува 39.097 лица.
Уште 2.776 случаи, речиси 500 повеќе од претходниот рекорден број регистриран на 12-ти јуни, се потврдени во Флорида. Вкупно во оваа држава, според најновите податоци, има повеќе од 80.000 заразени.
Во Оклахома, каде што претходниот рекорден показател од 202 случаи во еден ден беше потврден на 13-ти јуни, исто така, соопштија за зголемен број на новозаразени. Во последното деноноќие тамошните здравствени власти потврдиле 228 нови случаи на инфекција со SARS-CoV-2.
Во сојузната држава Невада, пак, во вторникот се регистрирани 379 новозаразени, откако ден претходно го објавија најголемиот број зарази на дневно ниво од 106 случаи.
И Тексас е меѓу државите каде е регистриран остар раст на инфекциите со коронавирусот во последните 24 часа. Откако во понеделникот беа потврдени 1.254 нови случаи, ден подоцна тамошните здравствени власти известија за нови 2.622 заразени, што е рекорден број за Тексас во едно деноноќие.
И во сојузната држава Орегон е регистриран рекорден дневен раст на новозаразените. Во вторникот се потврдени 278 случаи за 24 часа, а во понеделникот беа пријавени 184 случаи.
Локалните медиуми пишуваат дека покрај зголемувањето на бројот на заразите во овие сојузни држави, последните седмици значително се зголемува и бројот на хоспитализации поради Covid-19.
Според последните податоци на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, во САД регистрирани се повеќе од 2,1 милиони случаи на коронавирусот, а бројот на починатите е над 116.000 луѓе.
Истовремено со овие податоци, портпаролката на Белата куќа, Кајли Мекинани, изјави дека во моментов САД не се под закана од втор бран на епидемијата, бидејќи резултатите од истражувањето укажувале на низок процент на случаи во земјата.
„Доктор Биркс (координаторката на Белата куќа за борбата против коронавирусот Дебора Биркс) ми кажа дека моменталната ситуација не е таа која би покажувала дека сме во вториот бран. Всушност, гледаме некои охрабрувачки нешта, на пример, 6 отсто е нивото на позитивните тестови, пониско од 6 отсто. Како што ми кажа еден од нашите експерти, ние сакаме тоа да биде пониско од 10 отсто, а имаме помалку од 6 отсто“, рече Мекинени.
Според неа, се забележуваат регионални епидемии на болеста, особено затоа што во тие области се зголемува бројот на дневните тестирања на коронавирусот. Вкупно, како што рече портпаролката на Белата куќа, раст е забележан во 2 отсто од окрузите во САД.
Од друга страна, американскиот потпретседател Мајк Пенс ги обвини медиумите за неоправдано подгревање панила во врска сво вториот бран на епидемијата од коронавирусот.
„Во последно време медиумите започнаа да алармираат за ‘вториот бран’ на случаи на Covid-19. Ваквата паника е далекусежна. Благодарение на лидерските квалитети на претседателот Доналд Трамп и храброста на Американците, ние ја добиваме битката против невидливиот непријател“, објави Пенс на Twitter.