Шест години имаме изопачено функционирање проследено со неуспеси и порази во полето на надворешната политика, вели Муцунски

„Секаде имаме неуспеси, никаде немаме резултати а веројатно најголемите неуспеси и порази во последните шест години се во полето на надворешната политика со обиди за обезличување на Македонија, обезличување на идентитетот на Македонецот и распродажба на интересите со попустлива надворешна политика која не постигнува опипливи резултати“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски на денешната трибина во Битола во рамки на акцијата „Ова е Македонија за сите“.

Муцунски посочи дека како прв чекор потребно е школски да се вратиме на што е тоа надворешна политика. Таа е политика на утврдување на интересите дома и застапување на тие интереси надвор од границите на нашата држава.

Тој додаде дека шест години имаме изопачено функционирање. Гледајќи кои се интересите надвор и пренесувајќи ги тие надворешни туѓи интереси на домашно поле.

„Ние мора да се вратиме на пристап каде што во делот на надворешната политика Македонија е на прво место со постигнување на опипливи реформи во делот на правосудството, борбата со корупцијата и таквите реформи ќе донесат и економски придобивки“, кажа Муцунски.

Муцунски истакна дека второ нешто што мора да е фокус е целосно запуштената економска дипломатија

„Гледаме крајни неуспеси во привлекување на новите инвестиции, единствените и минимални резултати кои ги има произлегуваат од добрите политики во минатото кои патем истите овие луѓе ги критикуваа дури беа во опозиција“, изјави Муцунски.

Тој е дециден дека третиот и најсуштествен елемент за да бидеме успешни е навистина да ја европеизираме Македонија и суштински да го промениме начинот на кои функционираат нашите институции .