Шест илјади грчки лекари на принуден одмор оти не се вакцинирани

Речиси 6.000 здравствени работници во Грција кои уште не се вакцирани, или нејќеле да се вакцинираат, од денес се на неплатено отсуство и не можат да дојдат на работа. Наместо да се вакцинираат во рокот кој им го постави државата, грчките лекари организираа протести во повеќе градови, дознава ТВ24.

Во одредени болници во Грција не останал ниту еден лекар. Но, здравствените работници не се против вакцинацијата, туку „ги нервира“ тоа што било направено таа да е задолжителна.

– Ние сакаме здравствените работници да се вакцинираат, но сме против задолжителна вакцинација, бидејќи сметаме дека со тоа се кршат демократските права на работниците – изјави Димитрис Курувакис, член на извршниот комитет на националната федерација на здравствени работници.

На слично мнение е и српската премиерка Ана Брнабиќ која смета дека воведувањето задолжителна вакцинација против ковид-19 за здравствените работници ќе отвори други проблеми за земјата и на крајот ќе ја доведе државата пред европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Според неа, евентуалното воведување на задолжителна вакцинација во здравствената заштита ќе доведе до отпуштање на 20 отсто од здравствените работници кои поради некоја причина не сакаат да се вакцинираат.

– Мислам дека здравствените работници веруваат во науката и здравјето и дека тие ќе ја водат вакцинацијата – изјави Ана Брнабиќ.

Македонија како сè уште да се мисли по ова прашање. Соседна Бугарија е на дното по бројот на вакцинирани граѓани во ЕУ, а земјата забележи 1.700 нови случаи на седум милиони жители, во последните 24 часа.