Рускиот блогер Андреј Куршин е осуден на 6 и пол години затвор поради објави на интернет во кои ја критикува руската инвазија на Украина.
Андреј Куршин го водеше телеграмскиот канал „Moscow Calling“, кој ги поддржуваше целите на руската војна во Украина, но го критикуваше начинот на кој военото раководство ја водеше кампањата.
Аналитичарите од американскиот Институт за проучување на војната за Reuters го опишаа Куршин во времето на неговото апсење во август минатата година како „маргинален ултранационалист“ кој заталкал надвор од границите на дозволената критика на руските воени напори.
Причина се две објави на интернет, во кои ја осудува руската инвазија врз Украина.
Тој беше прогласен за виновен за дистрибуција на „лажни“ информации за руската војска, пишува „Медиазона“. Речиси веднаш ја признал вината.
Куршин изјави дека дури ја разгледува можноста да се врати на фронтот, но претпоставува дека нема да биде земен. Претходно негираше дека неговите објави биле мотивирани од омраза кон руските вооружени сили.
„Како војник на Народна република Доњецк (ДНР) во 2014-2015 година, сè уште одржувам контакт со борците и не чувствувам никаква омраза кон нив“, рече тој.
Куршин беше приведен во август 2023 година за неговите објави во кои ги критикуваше руските воени напади врз браната во Кривој Рог и породилиштето во Вилњанск, регионот Запорожје.
Во текот на истрагата тој беше во домашен притвор. Неговиот канал на Телеграм има над 50 илјади следбеници.