Шест исчезнати по уривање на мостот во Балтимор

Шест лица се водат за исчезнати и се претпоставува дека се мртви откако мостот „Френсис Скот Ки“ во Балтимор се урна во вторникот по удар на контејнерски бродови.

Официјални лица на американската крајбрежна стража и на полицијата во сојузната држава Мериленд изјавија дека шансата исчезнатите да преживеат е исклучително мала поради ниската температура на водата и времето што поминало од несреќата.

Потрагата по исчезнатите е прекината и ќе продолжи во утринските часови, соопштија властите.

Контејнерскиот брод „Dali“, кој плови под знамето на Сингапур, удрил во еден од носечките столбови на мостот, по што се урнале неколку сводови на мостот.

Во меѓувреме се дозна дека сингапурскиот брод бил изнајмен од данската бродска компанија „Maersk““, која објави дека целосно соработува со истражителите. Сопственикот на бродот кој удри во мостот, компанијата „Synergy Marine Corp“, објави дека се води сметка за сите членови на екипажот.

Причините за несреќата сѐ уште не се утврдени. Експертите велат дека може да се работи за неколку причини – дефект на главниот мотор, дефект на системот за управување, дефект на генераторот или човечка грешка на кормиларот.

Истиот брод бил вклучен во несреќа во пристаништето во белгиски Антверпен во 2016 година, кога удрил во брегот додека се обидувал да исплови од терминал за контејнери во Северното Море.

Инспекцијата на бродот во Антверпен во 2016 година покажала дека има структурен проблем, наведен како „оштетување на трупот што ја намалува неговата способност за пловидба“, според податоците објавени на Equasis, јавна база на податоци за поморската индустрија.

Мостот „Френсис Скот Ки“, долг 1,6 милји, е крвотокот на пристаништето Балтимор. Ја премостува реката Потапско, отворен е во 1977 година и именуван по авторот на американската химна „Star Spangled Banner“. Годишно по него минуваат 11,5 милиони возила.