Дваесет и петгодишен маж е осомничен за напад во детска градинка во јужната кинеска покраина Гуангдонг во понеделникот, во кој се убиени шест лица а уште едно е рането, што предизвика загриженост во земјата во врска со насилството над децата.
Медиумите известија дека осомничениот напад во округот Лианџианг користел ладно оружје. Мажот, идентификуван со презимето Ву а потекнува од Лианџианг е притворен, соопшти полицијата додавајќи дека истрагата е во тек. Според некои медиуми, жртвите во нападот се возрасни лица и деца.
Иако насилните злосторства во Кина се ретки поради строгите закони за поседување огнено оружје и високото ниво на обезбедување, во текот на изминатите години инцидентите со ладно оружје во претшколските установи ја зголемија загриженоста за безбедноста во училиштата.
Најновите вести предизвикаа емотивни дискусии на социјалната мрежа Weibo, кои до 7,50 часот утрото во понеделникот ги прегледале повеќе од 290 милиони луѓе. Некои корисници на социјалните мрежи бараат смртна казна за осомничениот.
„Нечуено е ова да им се прави на деца кои немаат никаква моќ. Колку семејства ќе бидат уништени со ова. Ја поддржувам смртната казна“, пишува еден корисник на Weibo.
Друг корисник ја доведе во прашање безбедноста во училиштата, особено по претходните слични напади и тоа повторно во детски градинки.
„Зошто ваквите случаи продолжуваат да се повторуваат?“, прашува тој.
Три лица беа убиени ланскиот август, а шест беа ранети во напад со ладно оружје во детска градинка во јужната покраина Џианкси. Маж во 2021 година усмрти две деца и рани уште 16 други во градинка во југозападниот регион Гуангжи.
Нападите врз децата, исто така, го свртија вниманието на менталното здравје, за кое често не се разговара поради општествените стигми поврзани со менталните болести.
Еден од таквите примери се случи во 2017 година, кога 22-годишен маж постави експлозивна направа пред детска градинка во покраината Џиангсу, убивајќи се себеси и неколку други а ранувајќи десетина лица. Човекот боледувал од невролошко нарушувања, а на ѕидовите од својот дом ги испишал зборовите за смрт, објавија тогаш медиумите.
Низата насилни напади минатиот месец во Хонгконг, исто така, го свртеа вниманието на менталното здравје. Стручњаците за ментално здравје упатуваат на пандемијата на ковид-19 како значаен фактор за зголемување на проблемите со менталното здравје.