ВИДЕO| Шест нови авио линии – Македонија директно се поврзува со Дубаи, Барселона, Штутгарт, Лион, Базел и Истанбул

Министерот за транспорт и врски Александар Николовски денес на прес-конференција соопшти дека се воведуват нови шест дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром. Летовите кои ќе се воведат од наредната година се кон Дубаи, Барселона, Штутгарт, Лион, Базел и Истанбул.

Четири од овие дестинации се на „Виз Ер“, една на „Флај Дубаи“ и една на „Туркиш Ерлајнс“.

Ресорниот министер соопшти дека се спрема и втор повик каде што се надева дека некаде во декември ќе може да презентира нови дестинации.

– Ова е прекрасна вест за македонските граѓани, со што им се овозможува поврзување со овие дестинации, но исто така ќе донесе многу туристи за Македонија. Она што можам да го кажам дека сме во процес на подготовка на втор повик кој што треба да донесе нови дестинации затоа што има интерес. Кон крајот на декември ќе можам да презентирам нови дестинации. Во моментов состојбата е дека во летниот период на летање од скопскиот аеродром оперираат 47 дестинации, а од охридскиот 8, додека во зимскиот 38 од скопскиот и 4 од охридскиот. Со овие 4 плус од скопскиот и плус 2 од охридскиот, ќе се зголеми бројот на летови и бројот на туристи и ќе се постигне целта во 2025 година да имаме плус 200.000 патници, подвлекува Николоски.