Шест загинати во поплавите во Јапонија

Шест лица загинаа а уште десет други се водат како исчезнати по рекордните дождови кои предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето во делови од јапонската префектура Ишикава.

Градовите Ваџима и Сузу, кои сè уште се опоравуваат од смртоносниот земјотрес на 1-ви јануари, беа меѓу најтешко погодените од поплавите што започнаа во саботата. Двата града забележаа двојно повеќе врнежи во неделата отколку што вообичаено наврвнуваат во септември, објавија локалните медиуми.

Десетици реки се излеаа од коритата. Патиштата се блокирани, а повеќе од 100 заедници низ префектурата се изолирани, објавија медиумите.

Две тела се пронајдени во близина на тунел погоден од лизгање на земјиштето во градот Ваџима. Еден од нив бил градежен работник кој го поправал патот. Меѓу загинатите има двајца постари мажи и една постара жена, објави Japan Times, повикувајќи се на локалните власти.

Јапонската метеоролошка агенција издаде највисоко ниво на предупредување за „опасност по живот“ за Ишикава во саботата и го намали на редовно предупредување во недела. Но, властите повикаа на постојана будност, бидејќи обилните врнежи најверојатно ќе продолжат.

Поплавени се привремените куќи изградени за луѓето кои останаа без домови во новогодишниот земјотрес. Регионот сè уште се опоравува од силниот земјотрес со јачина од 7,5 степени во јануари, во кој загинаа најмалку 236 луѓе, се урнаа згради и предизвика огромен пожар.

Околу 4.000 домаќинства останаа без струја во понеделникот, соопшти компанијата за електрична енергија Хокурику.

Повеќе од 40.000 жители во четири градови во Ишикава, вклучувајќи ги градовите Ваџима, Сузу и Ното, беа евакуирани во текот на викендот.
Уште 16.000 жители во префектурите Ниигата и Јамагата северно од Ишикава добија наредба да се евакуираат, објави новинската агенција AFP.