Шест жртви во пад на хеликоптер на Филипини

Хеликоптер од типот „Blackhawk“ (Црн јастреб) се урна на Филипини во текот на ноќна обука, при што загинале сите шест лица во леталото, соопштија во четвртокот локалните власти.

Потрагата започнала кога хеликоптерот со ознака „S70i“ доцнел со јавувањето во воздухопловната база во градот Капас во покраината Тарлак, на 92 километри северно од филипинската престолнина Манила, соопштија воздухопловните сили.

Тројцата пилоти и тројцата припадници на филипинското воено воздухопловство загинале во несреќата која се случи ноќта кон четвртокот, изјави министерот за одбрана Делфин Лорензана.

„Целата флотила на ‘Blackhawk’ е приземјена додека се спроведува истрага за инцидентот“, додал Лорензана во изјавата.

Мајнард Маријано, портпарол на воздухопловството, изјави дека ноќната обука била спроведувана пред целосното распоредување на хеликоптерот „Blackhawk“ во неговата мисија.

Леталото било дел од 16-те такви хеликоптери купени од полскиот производител „Polskie Zaklady Lotnicze“, според договорот од 2019 година во износ од 241,46 милиони долари. Било дел од шесте единици испорачани во ноември минатата 2020 година. Уште пет летала биле испорачани во јуни, а остатокот треба да биде испорачан пред крајот на годинава.