Спасувачите извлекле од под урнатините во Сирија во петокот три лица, меѓу кои и шестгодишно момченце, четири дена откако разорниот земјотрес усмрти речиси 23.000 лица во Сирија и соседна Турција, пренесуваат сириските државни медиуми кои известија претходно и дека по 45 часа минати под урнатините е спасено и десетгодишно девојче.
Малиот Муса Хмеиди, од урнатините на зградата го извлекле спасувачите и доброволците бодрени од десетици жители во северозападниот град Џиндаџрис, кој сѐ уште е под контрола на бунтовници на кои владата во Дамаск претходно во петокот им овозможи да добиваат и нејзина помош во продукти и механизација за расчистување на урнатините.
Во соседниот град Џаблех, кој е под контрола на владините сили, спасувачките екипи извлекле од урнатините две живи лица. Претходно беше објавено дека руските војници во истата област по претходните денови извлечени живи 50-ина лица, во петокот продолжиле со расчистувањето на урнатините и, за жал, од под нив извлекле најмалку пет тела, пренесува државната новинска агенција SANA.
Спасувањето на овие лица е спротивно на процените за изгледите за преживување, особено во услови како што владеат во регионот со ниски температури особено во текот на ноќите. Според експертите, повеќе од 90 отсто од преживеаните се спасуваат во првите три дена од итните операции на спасување по толку големи стихии.
Главата на момченцето Муса била во завои, откако лекарите му пружиле прва помош на самото место во Џиндаџрис, еден од градовите кои многу настрадал во земјотресот.
„Муса е спасен од урнатините четири денови по потресот. Има полесни повреди, додека брат му загинал. Другите членови од неговото семејство сѐ уште се под урнатините. За нив засега не се знае ништо“, изјавил за AFP Абу Бакр Мохамед, еден од доброволците кои го извлекле момченцето.
Сирискиот претседател Башар ал-Асад придружуван од сопругата Асма ал-Асад, во петокот лично ги следела спасувачките операции во населбата ал-Машарка во источниот град Алепо и ги посетиле повредените во Универзитетската болница во градот кој пред граѓанската војна започната во 2011 година беше финансиски и деловен центар на Сирија
„Се вели дека Западот и дал приоритет на политиката пред хуманитарната ситуација, тоа е неточно, за да се даде приоритет на една ситуација пред друга, мора да постојат и двата случаи. Политичката ситуација постои, но човечката состојба не постои на Западо“, криткуваше претседателот ал-Асад кого го цитира службената новинска агенција SANA.
Асад со тоа го критикуваше однесувањето на западните земји кои го финансираа и координираа пред 12 години бунтот кој прерасна во граѓанска и регионална војна чија цел беше соборување на неговата Влада, а кои дури по четири дена од катастрофалниот земјотрес и по жестоките критики ветија помош за настраданите во Сирија на која ѝ наметнаа жестоки санкции.
Според сириските медиуми, Дамаск веднаш од понеделникот попладнето примил помош од Иран и Русија, а сѐ уште недоволната помош ја добива и од Пакистан, Катар, Јордан од Либан и други главно соседни земји.
Сириската влада во петокот одобри испорака на хуманитарна помош до областите кои не се под нејзина контрола, според државните медиуми. Хуманитарната помош е неопходна за населението во регионите кои во понеделникот беа погодени од разорен земјотрес. Помошта, според најавите, наскоро ќе пристигне во регионите под контрола на бунтовниците, со помош на Обединетите нации, сириската Црвена полумесечина и Меѓународниот Црвен крст, јави Sky News.
Дамаск, исто така, ги именуваше областите најтешко погодени од катастрофата: Латакија, Хама, Алепо и Идлиб. Во овие региони ќе бидат воспоставени зони на катастрофа, објавија државните медиуми кои потсетуваат дека помошта бавно се испорачува во земјата поради разорени патишта.
Порано богатата Сирија, во којашто војниците на САД сѐ уште ги држат четирите најголеми наоѓалишта на нафта и нетранспарентно ја експлоатираат, е опустошена во жестока граѓанска војна од 2011 година, во која сунитските бунтовници во тогаш секуларната земја помогнати од тајните служби на Западот и блискоисточните сунитски монархии во налетот на ткн Арапска пролет со која беа соборени долгогошните власти во Либија, Тунис, Египет…, се обидоа да ја соборат владата на алавитскиот (шиитски) претедател Башар ал-Асад, чија војска жестоко одговори на бунтот.
Истовремено на сириското боиште против владините сили на Дамаск се бореа и џихдистичките сунитски организации ан-Нусра (сириското крило на Ал Каеда) и на Исламската држава која окупира големи делови од сириската територија, а кои беа поразени дури откако по барање на ал-Асад во 2016 година се вклучи руската војска.
Поголемиот дел од земјата е под контрола на владата, но некои градови, како што е Идлиб, се под контрола на бунтовничките сили. Овие делови на северна Сирија се погодени од катастрофи веќе 12 години, со илјадници цивилни жртви, оштетувања на инфраструктурата од гранатирања и недостиг од вода и електрична енергија.