„Шестка“ на Арсенал кај Шефилд Јунајтед

Фудбалерите на Арсенал го декласираа Шефилд Јунајтед со 6-0 во последниот натпревар од 27-то коло на англискиот шампионат, со што ја намалија разликата зад Ливерпул и Манчестер Сити.

„Топчиите“ протатнеа низ „Брамал Лејн“, постигнувајќи пет гола во првото полувреме. Мартин Одегард ја отвори серијата во петтата минута, Џејден Богл ја погоди сопствената мрежа во 13. минута, а само две минути подоцна Габриел Мартинели погоди за 3:0. До крајот на полувремето меѓу стрелците се запишаа Каи Хаверц во 25. и Деклан Рајс во 39. минута.

Во продолжението од натпреварот Бен Вајт во 58. минута постигна уште еден гол.

Шефилд Јунајтед, остана на самото дно на табелата со 13 бодови, исто колку и претпоследниот Барнли, додека 17-рангираниот Нотингем Форест, кој го држи последното место кое обезбедува опстанок, бега за 11 поени.

Арсенал е трет со 61 бод, два помалку од лидерот Ливерпул и еден помалку од второпласираниот Маннчестер Сити.