Во последниот натпревар од 33-то коло на англискиот фудбалски шампионат, Челзи на својот „Стемфорд Бриџ“ го декласираше Евертон со 6:0 со дури четири гола на Кол Палмер.
Играчот од средниот ред на лодонските „Сини“ постигна три гола веќе во првите 30 минути од натпреварот. Палмер се впиша во листата на стрелците во 13., 18. и 29. минута. Николас Џексон во последните моменти од првиот дел зголеми на 4:0, а својот четврти гол на натпреварот го постигна Палмер од пенал во 64. минута.
Пред самото изведување на најстрогата казна дојде до мала расправија кој ќе шутира. Нони Мадук сакаше да се протурка пред Палмер земајќи ја топката. Топката ја сакаше и Џексон, но пресече Конор Галагер кој ја зеде топката од раката на Медук и му ја даде на Палмер, кој беше сигурен реализатор.
Младиот 21-годишен играч за врска, кој во септември минатата година пристигна во Челзи од Манчестер Сити, со тоа стана првиот играч на „сините“ кој постигнал четири гола во првенството по Френк Лампард во март 2010 година.
Со четирите гола против Еврертон Палмер стигна до 20 гола сезонава, израмнувајќи се на врвот на табелата со напаѓачот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд.
Конечните 6:0 ги постави Алфи Гилкрист во судиското надополнување.
Челзи и натаму го држи деветтото место со 47 бодови, додека Евертон е на 16-та позиција со 27 бодови.
Манчестер Сити води на табелата со 73 бода, два повеќе од Арсенал и Ливерпул.