Шестоодделенец убиен во пукање во училиште во Ајова

Шестоодделенец е убиен а уште пет други лица се ранети кога тинејџер отвори оган во училиште во Ајова во четвртокот наутро по локално време, соопшти полицијата.

Осомничениот е идентификуван како 17-годишниот Дилан Батлер, ученик во средното училиште гратчето Пери, соопштија истражителите на прес-конференција. Полицајците го пронашле мртов со самонанесени прострелни рани.

При претресот на училиштето, потоа била откриена импровизирана експлозивна направа, која била деактивирана од пиротехничари.

Пукањето се случило на првиот ден од пролетниот семестар. Пери, со население од околу 7.900 луѓе, се наоѓа приближно 64 километри северозападно од Де Мојн, главниот град на државата Ајова.

За 11 дена во Ајова ќе се одржи првото гласање во САД за републиканска претседателска номинација за изборите во ноември 2024 година.