Шилегов бил негов фаворит, уверува Заев

Иако во петокот негираше дека со коалицискиот партнер во владата ДУИ се разговара за можнста да се истакне заеднички кандидат за градоначалник на Скопје, премиерот и челник на СДСМ, Зоран Заев, ден потоа повторно одговараше на истото новинарско  прашање, и овојпат изјави дека актуелниот градоначалник Петре Шилегов бил „добра спојка“ меѓу владејачките партии.

„Јас сум претседател на СДСМ и им давам поддршка на кандидатите за градоначалници, бидејќи тие посветено работата изминативе години. Ќе се слушнат и мислењата на граѓаните“, рече Заев во врска со нагаѓањата како и со кои кандидати владејачката коалицаја ќе настапи на есенските локални избори.

Претходно седмицава, повеќе медиуми на албански јазик по мистериозната изјава на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за изненадувачка понуда од неговата партија за изборачите, објавија дека со премиерот Заев всушност договориле кандидат за главниот град да биде претставник на албанската заедница, при што се најчесто се споменуваше името на поранешниот министер за здравство, градоначалник на оптина Сарај и лидер на некогашната партија Нова демократиа, Имер Селмани.

„Убеден сум дека Шилегов има изградено сериозно висок рејтинг. Убеден сум дека како и мене, нему, заменичката претседателка и другите членови партиски органи, многу е важно мислењето на граѓаните. Локалните избори се избори на личности. Шилегов е еден од нашите фаворити, јас тоа го кажав пред неколку месеци овде во Скопје,  но истовремено е добра спојка меѓу коалиционите партнери. Во заедништовото е успехот“, одговори Заев.