Дузина интересни имиња се вртат во внатрепартиските битки на СДСМ за кандидати за градоначалници на скопските општини за претстојните локални избори во Македонија.
Според неофицијални информации до кои дојде НетПрес од партиски извори во владејачката СДСМ, за кандидати за градоначалник има по најмалку две имиња за секоја скопска општина. Нашите извори велат дека единствено Петре Шилегов е без конкуренција за кандидатурата за градоначалничкото место за македонската престолнина и покрај општото мислење на скопјани дека недоволно се ангажирал околу менаџирањето на главниот град, како и бројните финансиски афери кои излегоа во јавноста во текот на неговото работење – од плаќање на фирми за чистење на снег кој го нема, до набавката на пожарникарските скали за речиси два милиони евра.
Засега најмногу кандидати во СДСМ за градоначалник има за скопската општина Ѓорче Петров. Дури четири имиња се во игра – актуелниот градоначалник Александар Наумовски, претседателот на општинската на СДСМ во Ѓорче Петров, бивш пратеник и сегашен директор на УХМР, Костадин Ацевски, потоа актуелната пратеничка во Собранието, Даниела Марковска, и директорот на средното училиште „Раде Јовчевски Корчагин“, Драган Арсовски.
Интересно е тоа што партиските извори од СДСМ велат дека иако во Ѓорче Петров има четири кандидати, најверојатно битката ќе се сведе само на двајца бидејќи другите двајца би испаднале од игра поради одредени негативности поврзани со нив.
Имено, за Костадин Ацевски се смета дека би бил веднаш елиминиран од членството бидејќи има кривична пријава за семејно насилство и дека беше дел од пратениците кои гласаа за промена на името на Македонија. Втор кандидат кој не би го минал филтерот на членството е Даниела Марковска, оти таа била само родум од Ѓорче Петров, и долги години живее во друга населба во Скопје и поради тоа е релативно непознато име за гласачкото тело во оваа скопска општина. Со тоа како најсериозни внатрепартиски кандидати за оваа скопска општина на СДСМ му остануваат Александар Наумовски и Драган Арсовски. Но, од партијата сметаат дека Арсовски е во предност бидејќи за Наумовски се врзуваат неколку крупни афери во однос на неговото работење како градоначалник во изминативе речиси четири години – спорен ДУП за изградба на висококотанци и голем број на други станбени згради и објекти, а особено последниот скандал со набавката на две машини за перење за детска градинка за енормни 25.000 евра и тоа како што тврдеа на прес конференција од опозициската ВМРО ДПМНЕ, зделка направена преку приватна фирма за која се претпоставува дека е сопственост на близок роднина на Наумовски.
За Драган Арсовски, пак, извори од СДСМ велат дека е долгогодишен член на партијата, „стар ѓорчевец“, за кој не се врзуваат скандали. Тој, исто така, е и долгогодишен директор на реномираното средно училиште „Раде Јовчевски Корчагин“, а бил и секретар и претседател на Градска организација на СДСМ.
Тројца внатрепартиски кандидати СДСМ има за Кисела Вода. За оваа скопска општина во трка влегуваат Тања Томиќ, долгогодишен член на СДСМ, која моментно го води Институтот за социјална демократија „Прогрес“ – невладина организација, потоа сегашниот градоначалник Филип Темелковски, и пратеникот Дарко Каевски, за кого опозицијата обелодени скандал со негова семејна фирма Гео Каевски која добивала тендери од општините Кисела Вода и Велес. Бремето на Темелковски, пак, е спорниот Детален урбанистички план за Расадник, кој предвидува изградба на голем број на станбени и деловни објекти. Интересно за овие тројца кандидати, велат извори во СДСМ, е тоа што наводно сите се многу блиски со скопскиот градоначалник Петре Шилегов.
Жестока внатрепартиска битка, велат нашите извори од владејачката СДСМ, се очекува во општината Карпош, иако таму има само двајца кандидати – сегашниот градоначалник Стефан Богоев и директорот на „Водовод“, Душко Весковски. Тоа се базира наводно на високиот рејтинг кој Весковски го имал на внатрепартиските анкети во однос на Богоев. Но, партиските извори тврдат дека ако Стефан Богоев изгубел во трката за кандидатура на СДСМ за општина Карпош, најверојатно ќе бил згрижен од партиското раководство со место во извршната власт.
Двајца кандидати за градоначалничка функција СДСМ има и за општината Центар. Тука во трка влегуваат сегашниот градоначалник Саша Богдановиќ, а негов внатрепартиски противкандидат му е политичкиот анонимус Горан Герасимовски, претседател на општинската организација на СДСМ во Центар. Според извори во партијата, очекувањата се дека Богдановиќ ќе го победи својот партиски соперник, поред се’ поради далеку поголемиот рејтинг кој го има. Но, не оечкуваат лесна борба бидејќи Герасимовски силно се ангажирал и почнал интензивно да работи на својата промоција и себенаметнување меѓу партиското членство уште пред десетина дена, додека Богдановиќ сеуште немал никаква активност.
Слична е ситуацијата и во општината Бутел. И таму во трка влегува сегашниот градоначалник Велимир Смилевски, но и поранешниот директор на скопскиот Истражен затвор, познат како „Шутка“ – Ѓоко Котевски. И двајцата се врзуваат со скандали. Смилевски поради блискоста со луѓе, од кои еден неодамна беше убиен во улична престрелка, а Котевски со скандалот со претепување на притвореници во Шутка додека тој беше директор, инцидент поради кој и беше тргнат од функцијата.
Партиски извори од СДСМ велат дека најсигурни засега им се кандидатурите на Зоран Атанасов, за општина Аеродром и на Борче Георгиевски за Гази Баба. Георгиевски имал противкандидати, за кој не се очекува да добијат зелено светло од членството пред се’ поради политичката анонимност, и поради тоа партиските кругови му предвидуваат лесна победа. Што се однесува, пак, до општината Аеродром, на Зоран Атанасов, кој е поранешен директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, и од СДСМ сметаат дека мандатот го поминал без некои забележителни успеси, противкандидат му била Љубица Јанчева, претседавач на Совет на Град Скопје. Но, Јанчева веднаш ја одбила нејзината кандидатура, со образложение дека воопшто не била заинтересирана за градоначалничка фукнција. Таа навела дека би сакала да биде носител на советничката листа на СДСМ за град Скопје. Со тоа, Атанасов останува единствен кадидат во внатрепартиската трка за кандидатура за градоначалник на општина Аеродром, а со голем адут, сметаат извори во партијата, бидејќи бил многу близок со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, како и со Љупчо Николовски. Имено, велат извори од партијата, неговата блискост со овие луѓе се гледа и по тоа што од ветеринар инспектор станал директор на АХВ, по тргањето од директорското место, Атанасов беше згрижен од Заев на место советник на премиерот за земјдолество, безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика. Но, партиските извори велат дека најголем негов непријател, на претстојните локални избори во оваа скопска општина, е многу нискиот рејтинг на СДСМ во Аеродром и речиси сигурно изгубената изборна битка во оваа општина.
И на крај во општината Чаир, СДСМ немало да оди со свој кандидат, туку ќе го поддржи кандидатот на својот коалициски партнер ДУИ.
Рокот за самопријавување на кандидати за градоначаници во СДСМ завршува утре, односно на први јули, додека рокот за пријавување на кандидати од страна на членството во партијата завршува на петти јули, годинава.