Шилегов ги покажа документите за зградата

Мојата семејна куќа во Тафталиџе ја изгради мојот покоен татко во 1995 година, а јас сум нејзин сопственик од 2006 година. Куќата е со приземје, прв и втор кат и покрив, а и во имотниот лист пишува дека јас сум сопственик на куќа којашто се состои од приземје, прв кат, втор кат и покрив, рече скопскиот градоначалник Петре Шилегов на денешната прес-конференција и додаде дека сите обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ се бескрупулозни лаги.

– Во имотниот лист пишува дека јас сум сопственик на куќа која што се состои од приземје, прв кат, втор кат и покрив, што е фактичка ситуација и состојба и денеска. Ништо не е додадено повеќе од тоа што стои во имотниот лист. Тоа е лага број еден, а лага број два е тврдењето дека Шилегов прави реконструкција без одобрение. Ова е одобрението издадено од надлежниот орган Општина Карпош во декември минатата година кога е започната реконструкцијата. Лага број три – Шилегов не е сопственик на градежното земјиште. Ова е решението за приватизација на градежното земјиште. Јас уште во јуни најавив дека како ќе се ближи кампањата така ќе бидеме сведоци на разни искажани работи што се поврзани за мене. И така е во изминативе 8 години. Секогаш кога немаат со што да се спротивстават на политиките коишто ги креира Шилегов како пратеник, портпарол или како градоначалник на Град Скопје, влегуваат во бескрупулозни лаги и црна кампања со цел да ме компромитираат мене и моето семејство. Дозволете да искажам благодарност и извинување до моето семејство што успеваме сите заедно сплотени да ја трпиме оваа црна кампања за која сум свесен дека нема да престане, без оглед на фактите – рече денеска Шилегов.

Тој нагласи дека длабоко верува во демократските, но и во човечките вредности.

– Јас сум човек којшто достоинствено ќе го истрпи сето ова. Впрочем, зошто ни е политиката, ако ја загубиме човечноста. Драги мои скопјани, јас сум вашиот градоначалник и убеден сум дека тоа го знаете и го препознавате, и во оваа кампања од мене ќе слушате само како ќе ги решаваме проблемите кои што тие луѓе ни ги наталожија. Ќе победиме и на овие избори и ќе продолжиме заедно да го градиме Скопје како една поинаква приказна, Скопје како што сите го сакаме, Скопје како што сите го замислуваме – нагласи градоначалникот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вчера му даде рок од 24 часа на Шилегов за да покаже документи за неговата зграда, оти, во спротивно, ќе следува кривична пријава.