Скопскиот градоначалник Петре Шилегов денеска на прес-конференција го презентраше новиот Забавен парк, кој ќе се наоѓа на местото на стариот Луна парк, чија изградба се најавува уште од времето на неговиот претходник Коце Трајановски.
Кандидатот на СДСМ за уште еден мандат на локалните избори вели дека изградба нема да има буџетски импликации врз Градот Скопје, односно дека инвеститорот сам ќе си ги врати парите од менаџирањето. Пред една и пол година Град Скопје донесе одлука парите за неговата изградба да се пренаменат за ковид-кризата. Шилегов најави дека неговата изградба ќе почне на крајот на оваа година.
– За забавниот парк градот има завршено проект, обезбеден буџет, соодветен план за јавни набавки и соодветна локација за градба, информира Шилегов и додаде дека предвидени се 27 реквизити, односно содржини за три различни возрасти на граѓани – детски дел, семеен дел и екстремен, адреналински дел.
Ролеркостерот, како што најави тој, ќе биде најголем на Балканот, а паркот ќе може да прими повеќе од 3000 постетители секој ден или преку милион посетители годишно. Тендерот ќе се распише после изборите, а паркот треба да биде готов летото 2023 година, односно за 18 месеци.
– Во паркот ќе овозможиме да се развива т.н. семеен туризам, со оглед на тоа што во најмалку 300 километри радиус од Скопје ваков тип на забавен парк и целосен концепт не постои, заклучи Шилегов.