Наташа Савова да си поднесе оставка, вели портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов одговарајќи на новинарско прашање околу статусот на пратеничката на СДСМ објавен на социјалната мрежа Фејсбук најверојатно испровоцирана од пишувањето на весникот „Дневник“ дека таа не се наоѓа на листата на лидерот Зоран Заев.
„Ако тоа е нејзиниот став, тогаш имаме да изјавиме две работи. Прво, срамно е човек кој е избран за пратеник од членови поддржувачи на Социјалдемократскиот сојуз, во време кога партијата и’ задава сериозни удари на власта, да ја напаѓа својата партија и така, всушност, да одработува за интересите на власта. Второ сметаме дека доколку таа навистина тоа го мисли, единствено решение е да си поднесе оставка на функцијата пратеник на СДСМ во Собранието“, рече Шилегов.
Претходно, во својот статус на „Фејсбук“, Савова и’ порача на својата партија да продолжи да се натпреварува со ВМРО-ДПМНЕ кој повеќе станови купил и градежно земјиште поделил. „Значи, сама се повлеков, а и да ме поканите на листата на Заев и Шекеринска, ќе ви се заблагодарам на довербата, бидејќи одбивам да бидам на листата на екипа која е канцерот на СДСМ (цитирам изјава за вас на успешен министер од времето кога СДСМ победуваше)“, напиша Савова на својот фејсбук-профил.