Државната комисија за спречување на корупција да превземе мерки согласно своите надлежности заради кршење на членот 75-д од Изборниот законик од страна на градоначалникот на Скопје, господинот Коце Трајановски и весникот „Дневник“, побара денеска портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
„Согласно членот 75-д став 4: “Од денот на распишување на изборите се до нивното завршување, радиодифузерите и печатените медиуми не смеат да емитуваат, односно да објавуваат реклами финансирани од Буџетот на Република Македонија, од буџетите на општините и на градот Скопје и на сите други лица на кои со закон им е доверено вршење јавни овластувања.” Спротивно на оваа одредба од Изборниот законик, како прилог на саботното издание на весникот „Дневник“, беше ставен Отчетот за град Скопје. Тоа значи дека се трошат пари од Буџетот на градот Скопје за финансирање на рекламни материјали, кои се објавени во печатен медиум“, тврди Шилегов.