Граѓанскиот суд во Скопје го прогласи портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов за виновен по тужбата за клевета што против него ја поднесе министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Шилегов, според судската пресуда, треба да и’ плати на Јанкулоска оштета од половина милион денари, што е за половина од сумата што министерката ја бараше како надомест за штета на угледот и предизвикана душевна болка.
Адвокатот на министерката, Димитар Дангов пресудата е корисна и за тужителот така и за тужениот.
„Судот утврди сторена клевета од тужениот. По добивањето на писмената пресуда и запознавање со причините за досудената висина ќе процениме како ќе постапуваме во постапката по правни лекови. Правото на слобода на говор не е бесконечно , уште помалку е бесконечно и правото на претерување во вршење на тој говор. Судот тоа го санкционира“, рече Дангов, по донесувањето на пресудата.
Шилегов по добивањето на пресудата рече дека првостепената пресуда за него била очекувана. Тој обвини дека фактот што Јанкулоска не се појавила на судењето е потврда за состојбата во кој се наоѓа судството во Македонија.