Шиповиќ не ја поддржа сопствената партија

Советот на општина Центар на денешната седница не го прифати решението на градоначалникот Жерновски за запирање на објавување на одлуката за донесување измени и дополнувања на ДУП-овите Тасино Чешмиче-Водно и Градската Четврт-Капиштец, пишува порталот Курир.

Со 11 гласови „за“, 11 „против“ и еден воздржан решението за стопирање релизацијата на ДУП-овите донесени на претходната седница не беше прифатено.

Шиповиќ на денешната седниица гласаше воздржано, со што на индиректен начин не ја поддржа својата матична партија.

Градоначалникот Жерновски по гласањето истакна дека одлуките не можат да бидат донесени доколку има ист број на гласови „за“ и „против“ и еден воздржан. Тој посочи дека ќе го обжали ова во Уставниот суд бидејќи, според него, во повеќе наврати е прекршен уставот и законот.

Советниците од ВМРО – ДПМНЕ, како и претседавачот Мирослав Шиповиќ, тврдеа дека законите не се прекршени и дека ДУП-овите се донесени согласно законите, а дека од страна на градоначалникот на Центар и некои советници истите закони се толкуваат селективно.

Претседавачот со Советот на општина Центар кој гласаше воздржано, Мирослав Шиповиќ, потенцираше дека со денешната одлука, се потврдува одлуката дека ДУП-овите се валидни и донесени законски.

Инаку, Советот се изјаснуваше за урбанистичките планови на само две недели откако Жерновски одлучи да ја забрани нивната правосилност. За ДУП-ите тогаш гласаше мнозинството од присутните на седницата, но не и вкупниот број на членови на Советот, што за градоначалникот беше причина да ги искористи сите механизми и да ја оспори нивната важност.