Претседателот на Советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ кој деновиве беше мета на неговите сопартијци кои јавно се посомневаа дека денеска ќе биде „предавникот“ на СДСМ и ќе гласа „ЗА“, според нив „спорни ДУП-ови“ предложени од советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, пред почетокот на Седницата се обиде да ги демантира гласините дека ќе прави нешто што е против негова волја.
„ДУП-овите не се ставени на дневен ред затоа што е лето, зима или есен, туку што имам законска и деловничка обврска за тоа, без разлика од кого се поднесени. Уште еднаш потврдувам дека нема да гласам за криминалниот проект „Скопје 2014“ и тоа секогаш сум го правел на дело, а не декларативно. Сакам да потенцирам дека никогаш нема да дозволам мојата и судбината на семејството да биде тема за политичко профитерство ниту на СДСМ, а уште помалку на ВМРО-ДПМНЕ. Јас не подлегнувам на притисоци на ниту една страна и тоа сум го покажал. Работам според зконот. А да ме интересираа пари тоа ќе го сторев на почетокот и немаше со брат ми да лежиме во затвор осум месеци,“ изјави Шиповиќ.
ДУП-овите за кои деновиве се крена врева, се последни на дневниот ред на Седницата на Општина Центар, а Седницата е во тек.