ШК Алкалоид со двојна круна на Екипните шампионати на Македонија за 2023 година ја потврди доминацијата во шахот

И машката и женската екипа на ШК Алкалоид со максимален ефект и со седум победи во седум кола стигнаа до Шампионските титули во својата конкуренција.
За машката екипа на Алкалоид ова е 11-та последователна титула и вкупно 25-та од вкупно одржани 31 Екипен шампионат во сениорска конкуренција, резултат тешко достижен во кој било спорт!
За потсетување, членовите на ШК Алкалоид претходно ги понесоа и индивидуалните титули за 2023 година – ЖФМ Моника Стојковска во женска и ВМ Звонко Станојоски во машка конкуренција.

ШК Алкалоид на крајот имаше 14 меч бодови и 34 поени, при што играчите покажаа мотивација до самиот крај, иако трофејот беше резервиран уште по 6. коло со освоените бодови и победи во претходните кола во директните дуели. Во последното 7. коло против ШК Пелагон од Прилеп славеше победа со 4 : 2. Сите членови на екипата покажаа сигурна и мотивирана игра. Странските шахисти си го оправдаа реномето, а најдобра игра покажа ВМ Инѓиќ Александар. За победничката екипа одиграа: ВМ Трајко Недев, ВМ Звонко Станојоски, ИМ Филип Панчевски, ИМ Тони Лазов, ВМ Роландо Кутиров, ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, Филип Михов и Михаил Јорданов.


– Моја лична желба беше да имаме ждрепка преку која ќе се сретнеме со конкурентите за првото место порано на турнирот и тоа се оствари. Го победивме Гамбит во првото коло, а потоа и Прилеп во третото коло, по што имавме многу поопуштена атмосфера и мислам дека добрите игри на некои поединци се должат токму на таквата психолошка растовареност. Сите членови на екипата покажаа сигурна игра и добра форма. ШК Алкалоид од година в година го подмладува својот играчки ростер и искрено се надевам дека и младите со гордост ќе ги бранат боите на клубот во годините што доаѓаат – вели ВМ Драгољуб Јаќимовиќ, кој беше и капитен на екипата.

Второто место му припадна на Гамбит Асеко СЕЕ, а на третото место е ШК Прилеп, кој имаше ист број поени како и ГШК Куманово 1, но со повеќе поединечни победи.

Обратно од ова, на женскиот турнир резултатската неизвесност траеше до самиот крај. Дерби мечот се случи во последното коло против МШК Центар. Напрегнатата борба во мечот започна со поен за противникот, при што во цврста и игрива позиција ЖФМ Софија Погорелски направи изненаден пробив и дојде до пресврт, по што ИМ Лела Јавакишвили се предаде. На првата табла ВМ Бела Котенашвили долго се обидуваше да го скрши отпорот на ЖВМ Викторија Радева, но, сепак, партијата заврши со реми. Во таква ситуација мечот беше решен на третата и на четвртата табла, при што најпрвин ЖИМ Габриела Коскоска ја надигра Ивана Манова, а потоа и ЖФМ Моника Стојковска, со одлична концентрација во финишот и по речиси пет часа игра, победи против Моника Жежовска. Победа за Алкалоид од 2,5:1,5.


За победничката екипа во претходните кола настапија уште и ЖФМ Весна Секуловска и Леа Ефтовска. Капитен и тренер на екипата е ВМ Влатко Богдановски, кој со својата работа даде значаен придонес за шампионската титула.
На овој начин и дамите собраа 14 поени. МШК Центар остана на 2. место, додека пак, најпријатно изненадување е ГШК Неготино со пласман на третото место.