Дербито во Скопје го доби чаирскиот тим. Шкупи го совлада Вардар благодарение на голот на Нилтињо во 78. минута од средбата. Какво импресивно деби на Бразилецот, и гол со кој Шкупи ги освојува првите три бода во сезоната, оставајќи го Вардар на ниту еден освоен бод. Вардарци може да жалат што на крајот не дојдоа барем до бод, со оглед дека Лемос имаше колосална шанса, зицер, меѓутоа наместо празниот гол ја погоди само пречката. Шкупи ја поправи својата грешка, со оглед дека на истиот терен минатата недела загуби од Работнички. Натпреварот мина во голема борба на двете страни, со малку шанси и без убавина во играта, но на крајот чаирчани се радуваа на трите бода.
После победата во првото коло над Шкупи, Работнички во добра атмосфера и со големи очекувања замина во Кратово. Но следуваше „студен туш“ после само 20 минути игра откако Силекс поведе со 2-0. Најпрво Каланоски од пенал во 6. минута донесе предност од 1-0, а потоа нова грешка во дефанзивата на „романтичарите“, за Марјан Ристовски да донесе 0-2 за „кратовци“. Во вториот дел немаше измени на резултатот.
Тиквеш стигна до максимални шест бода од две кола со победата над Гостивар од 0-3. Можеби изненадувачки преставува оваа победа за екипата од Кавадарци, со оглед дека квантитативно Гостиварци најмногу се засилија во преодниот рок. Меѓутоа очигледно невоиграноста си го прави своето, па Тиквеш го искористи и дојде до победа со головите на Курез, Ибиши и на Ивановски.
АП Брера исто така дојде до нова победа во првенството, и со одлични шест бодови го стартува шампионатот. По минатонеделниот триумф над Вардар со 1-0, денеска триумф и над уште еден нов прволигаш, и тоа Воска Спорт со 2-0. Крстевски и Руфати беа стрелци на головите, по еден во двете полувремиња. Вреди да се напомене и прекрасниот гол на Крстевски, кој шутираше во горниот лев агол.
Славков е херојот на Македонија ЃП кој ги носи првите бодови за „лавовите“. Совладана на домашен терен беше екипата на Брегалница со гол во 78. минута од средбата. И овој меч мина во пресметка на средината на теренот, со малку шанси на двете страни, на крајот искористија домашните и го добија натпреварот.
ПРВА ЛИГА, 2. КОЛО
Брера – Воска Спорт 2-0 (1-0)
Крстевски 15, Руфати 86
Гостивар – Тиквеш 0-3 (0-1)
Курез 38, Ибиши 51, Ивановски 64
Македонија ЃП – Брегалница 1-0 (0-0)
Славков 78
Силекс – Работнички 2-0 (2-0)
Каланоски 6, Ристовски 22
Вардар – Шкупи 0-1 (0-0)
Нилтињо 79
Шкендија – Струга одложена за 30 август од 16 часот
ТАБЕЛА: Тиквеш 6, Брера 6, Работнички 3, Струга 3 (-1), Брегалница 3, Шкендија 3 (-1), Силекс 3, Шкупи 3, Македонија ЃП 3, Вардар 0, Воска Спорт 0, Гостивар 0.