Шмихал за ДПА: Украина подготвена да извезува струја во Германија

Украина ќе ја поддржи Германија во нејзините напори да ја прекине зависноста од рускиот увоз на енергија и планира на најголемата европска економија да и понуди да ја снабдува со електрична енергија.

-Украина во моментов ја извезува својата електрична енергија во Молдавија, Романија, Словачка и Полска. Ние сме доволно подготвени да го прошириме нашиот извоз во Германија, изјави украинскиот премиер Денис Шмихал за ДПА.

„Имаме доволно електрична енергија во Украина благодарение на нашите нуклеарни централи“, рече Шмихал, додавајќи дека ова прашање ќе го покрене за време на посетата на Германија викендов.

Шмихал денеска треба да допатува во Берлин, а утре да има средба со канцеларот Олаф Шолц.

Украина кон средината на март ја синхронизираше својата електрична мрежа со европската мрежа. Оттогаш, Киев извезува меѓу 400 и 700 мегавати електрична енергија дневно во Европската унија и Молдавија.

Шмихал сега сака да ги зголеми извозните квоти за ЕУ.

-Тоа би било многу добро за двете страни. ЕУ би добила повеќе енергија, а ние би добиле девизи, кои ни се многу потребни, посочи украинскиот премиер.

Потрошувачката на електрична енергија во Украина е значително намалена од почетокот на руската инвазија поради масовниот егзодус на населението и економската криза. Ова ослободи простор за извоз на украинска електрична енергија.