Шмит: Нема да правам компромиси со почитувањето на Дејтон

Високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, во средата изјави дека нема да прави никакви компромиси кога станува збор за почитување на Дејтонскиот договор, истовремено предупредувајќи дека нападите врз неговите темели, како што тврди, кои доаѓаат од Република Српска стануваат сѐ пожестоки.

Шмит ова го изјави како еден од учесниците на семинарот Роуз-Рот, кој беше организиран во Сараево од Парламентарното собрание на НАТО и кој беше посветен на безбедносната состојба во Босна и Херцеговина и на западен Балкан.

Семинарот беше бојкотиран од сите функционери од Република Српска токму поради Шмит, чиј мандат го оспоруваат со тврдења дека тој не е легално избран за висок претставник бидејќи назначувањето на Управниот комитет на Советот за спроведување на мирот (ССМ) не е официјално потврдено од Советот за безбедност на ОН.

Властите на Република Српска имаат поддршка од Русија за таквата позиција, како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, додека сите други главно западни земји-членки на ССМ му даваат целосна поддршка на Шмит и неговиот мандат, вклучително и овластување да наметнува закони и да разрешува избрани функционери.

Високиот претставник во средата истакна дека неговата основна задача ја смета за одбрана на Дејтонскиот договор, односно на уставниот поредок во БиХ, кој е под чести напади од Република Српска.

„Не можам да направам компромиси кога станува збор за Дејтонскиот договор, бидејќи тоа е мојот мандат што го сфаќам многу сериозно“, рече Шмит.

Предупреди и дека поради непотребните политички блокади страдаат реформите кои се предуслов за напредок на БиХ на патот кон европската интеграција, особено зајакнувањето на владеењето на правото и борбата против корупцијата.

Шмит рече и дека усогласеноста со Дејтон и реформите во никој случај не се исклучуваат меѓусебно, бидејќи и двете компоненти имаат за цел целосна интеграција на Босна и Херцеговина во Европската унија.