Шојгу: Целта на Западот во Украина е да ѝ нанесе стратегиски пораз на Русија

Откако руските проектили убија најмалку шест лица во Украина во текот на ноќта и утринава, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу рече дека вистинската цел на западните сојузници во Украина е да ѝ нанесат стратегиски пораз на Русија.

Шојгу денеска изјави дека Москва ја зголемува борбената готовност на своите воени бази во Централна Азија за да се спротивстави, како што рече, на обидите на САД да го засилат своето присуство во регионот, пренесе руската режимска новинска агенција РИА.

Шојгу на состанокот на министрите за одбрана на Шангајската организација за соработка во Индија рече дека САД и нивните сојузници се обидуваат да воспостават воена инфраструктура низ целиот регион, пренесува РИА.

„САД и нивните сојузници, под изговор дека помагаат во борбата против тероризмот, се обидуваат да го обноват своето воено присуство во Централна Азија. Ги сметаме барањата до земјите од регионот за распоредување воена инфраструктура како директна закана за стабилноста во областа на Шангајската организација за соработка“,

рече Шојгу додавајќи дека Вашингтон исто така се обидува да ѝ се закани на Кина.
Москва има воени бази во Киргистан и Таџикистан.