Шојгу го извести Путин: Го освоивме Лисичанск, го ослободивме Луганск

Проруските сепаратистички сили и руските единици во источна Украина ја преземале целосната контрола над градот Лисичанск, последното големо украинско упориште во одметнатата доминантно руска и рускојазична покраина Луганск и го „ослободи целосно регионот Луганс“, го известил рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу претседателот Владимир Путин, пренесуваат во неделата руските медиуми.

„Денеска 3-ти јули 2022 година, министерот за одбрана на Руската Федерација, генералот на армија Сергеј Шојгу го извести врховниот командант на вооружените сили на Руската Федерација, Владимир Путин за ослободување на Народна Република Луганск“, се вели во соопштението на министерството за одбрана кое го цитира агенцијата РИА.

Вкупната површина на териториите кои се „ослободени“ во текот изминатиот ден изнесува 182 квадратни километри, јави руското министерство за одбрана.

Во претходното соопштение од неделата, руското министерство за одбрана објави дека руските единици го опколиле Лисичанск и дека се изведува „чистење“ на остатоците од украинските единици.

„Руските сили и единиците на Народна Република Луганск се борат во Лисичанск, целосно поразувајќи го опколениот непријател“, се наведува во првото соопштение.

Украинскиот генералштаб и министерството за одбрана не одговориле на барањето на странските западни агенции за коментар на тврдењата до Москва. Генералштабот претходно во неделата, ден откако Киев тврдеше дека градот сѐ уште е под украинска контрола, призна дека руските сили ги „зацврстуваат позициите во Лисичанск“.

Русија се насочи на потиснување на украинските сили надвор од административните граници на регионите Луганс и Доњецк во индустриската област Донбас, каде што по превратот во Киев во 2014 година проруското мнозинство се отцепи и ги прогласи ткн „народни републики“.