Русија внимателно ќе следи што Велика Британија ќе ѝ испорача на Украина по најавата за можна испорака на гранати со осиромашен ураниум, и има со што да одговори, порача рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу.
„Сега ќе гледаме што тие (Британците) имаат намера да испорачаат“ во Украина, изјавил Шојгу во вторникот вечерта за новинарите.
Челникот на руската одбрана предупредил дека Москва „има со што да одговори“ на таквите најави од Лондон, одговарајќи на новинарско прашање дали со таквата одлика светот е чекор поблиску до нуклеарен судир.
„Во овој случај може да се каже само едно. Нема толку многу скалила… Минат е уште еден басамак, остануваат сѐ помалку и помалку…“, рекол Шојгу прашан да ја коментира најавата за британска испорака на гранати со осиромашен ураниум на Украина.
Претходно во понеделникот британската заменичка на министерот за одбрана Анабел Голди како одговор на прашањето на членот на британскиот Дом на лордовите, Рејмонд Џолиф, во писмена изјава напиша дека британските власти ќе ѝ достават на Украина гранати „кои содржат осиромашен ураниум и имаат зголемена ефикасност во уништувањето на оклопните возила“, покрај испраќањето на ескадронот борбени тенкови „Challenger 2“ во Украина.
Шојгу, исто така, рекол дека испораката на тенковски гранати со осиромашен ураниум на Украина ќе ја принуди Русија серозно да размисли со што ќе одговори.
„Ова нѐ поттикнува сериозно да размислуваме за натамошниот тек на настаните, со што можеме да одговорите“, рече Шојгу во телевизискиот разговор на каналот Россия-1 од кој фрагмент беше поставен на апликацијата Telegram.
Рускиот министер истакнува дека западните војски веќе користеле таква муниција „во настаните во Косово, Србија, кога тие масовно без никакви санкции, без никакви одобрувања, бомбардираа градови каде немаше воени дејствија, уриваа мостови“, како и дека тоа имало сериозни последици и за оние кои ги користеле и за населението.
Русија ќе мора да одговори, порача Путин
Претходно во вторникот рускиот претседател Владимир Путин на заедничката прес-конференција во Москва со кинескиот претседател Кси Џинпинг, предупреди на „соодветен одговор“ доколку Велика Британија ги оствари најавите и на Украина ѝ испорача гранати коишто содржат осиромашен ураниум.
„Денеска дознавме дека Велика Британија … најави не само испраќање тенкови за Украина, туку и гранати коишто содржат осиромашен ураниум. Доколку тоа се случи, Русија ќе мора да одговори“, порача Путин без да прецизира во што би се состоел таквиот руски одговор.
„Тие имаа последици, имаше последици за оние кои ја користеа оваа муниција, имаше сериозни болести, сето тоа го проучуваа. Но како и секогаш, малку ги интересираа како оваа муниција влијае врз оние против кои ја користеа“, вели Шојгу за последиците од користењето на муницијата со осиромашен ураниум во НАТО воздушните удари врз поранешна СР Југославија во 1999 година.
Според подоцнежните потврди американските трупи користеле муниција со осиромашен ураниум и во текот на операцијата „Пустинска бура“ во Ирак во 2003 година, како и претходно во СР Југославија, што според многу медицински експерти придонело за масовни појави на рак кај локалното население, но и на војниците
Според експертите, употребата на таквата муниција треба да се смета за ткн „валкано оружје“, бидејќи ураниумската прашина наталожена во почвата е радиоактивна, исклучително е токсична и не може да биде деконтаминирана.
Во септември 2018 година, британскиот радиодифузер BBC го објави тврдењето на британскиот биолог Роџер Кофил дека Србија очекува уште најмалку 10.000 смртни случаи од рак во наредниот период, како резултат на емсиите на осиромашениот ураниум содржан во муницијата користена од НАТО во интервенцијата во 1999-та.
Биологот Кофил тогаш ги поткрепи своите тврдења со примери на деца родени со деформитети, не само во Србија, туку и во Босна и Херцеговина и во Ирак, каде што САД користеле осиромашен ураниум во бомбардирањето.
Италијанското обвинителство уште на почетокот од минатата деценија покрена истрага за зголемениот број војници кои боледуваат од рак по нивниот престој во мировните мисии, вклучително и на Косово. Според италијанското здружение на жртви на осиромашен ураниум, над 300 војници, кои биле припадници на НАТО трупите, починале од разни видови тумори, а над 3.600 се разболеле.