Шојгу: Преминуваме на нашата главна цел – ослободување на Донбас

Специјалната воена операција во Украина ќе продолжи сѐ додека не се постигнат зацртаните цели. Главните задачи од првата фаза од специјалната операција во Украина се завршени, можеме да се фокусираме на главната цел – ослободување на Донбас, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, чија изјава ја пренесе московска „Газета“.

Според него, за две недели во Украина биле убиени 600 платеници од странство, а уште 500 ја напуштиле земјата.

„Испораката на оружје за Украина од Запад е неодговорна, нивната неконтролирана дистрибуција на оружје на населението и платениците може да претставува закана за европските земји“, рече тој.

Шојгу, исто така, тврди дека „вооружените сили на Украина претрпеле значителна штета“ и дека нивните „воздушни сили и системот за воздушна одбрана се практично уништени“. Тој исто така тврди дека „украинските поморски сили“ повеќе не постојат.

Тој, исто така, објави дека 134.500 руски државјани ќе бидат испратени на воен рок на пролет, помалку од минатата година, но дека регрутите нема да бидат испратени на ниту едно жариште.

Пред неколку дена се појавија различни шпекулации бидејќи министерот Шојгу не се појавуваше во јавноста повеќе од две недели. Но на 26 март тој претседаваше со воен состанок и разговараше за снабдувањето со оружје во видеото објавено од неговото министерство.