![sergej sojgu](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2021/04/sergej-sojgu.jpg?resize=696%2C443&ssl=1)
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу објави во средата дека Русија веднаш ќе започне со мобилизација на 300.000 резервисти, појаснувајќи дека регрутите кои се во моментов во руската војска не можат да бидат вклучени во „специјалната воената операција“ во Украина.
„Во војна сме не само со Украина, туку со колективниот Запад…Речиси секој ден гледаме удари врз цивилното население. Гранатираат болници и места на масовен престој на луѓе. Тоа целосно се одвива под контрола на западните покровители и инструктори. Во последно време (во Украина) пристигнаа многу од нив – 150. Западната команда раководи со операциите од Киев“, рече Шојгу во обраќањето.
Рускиот министер за одбрана посочи дека „целата сателитска констелација на НАТО е насочена против Русија, со повеќе од 70 воени и 200 цивилни сателити вршат лоцирање на руските единици…“
Се обрати преку државната телевизија набрзо откако рускиот претседател Владимир Путин во телевизиското обраќање на нацијата објави моментална делумна мобилизација, порачувајќи дека „Доколку територијалната целост на нашата земја биде загрозена, ќе ги користиме сите расположливи средства за да ги заштитиме нашите луѓе, тоа не е блеф“.
Шојгу рече ќе бидат мобилизирани лица со претходно воено искуство и тие ќе минат обука пред да бидат распоредени на боиштето.
Објави дека руските загуби во жива сила во речиси седуммесечната војна во Украина изнесува 5.937 луѓе. Шојгу рече и дека руското Министерство за одбрана има податоци дека Украина бележи 61.207 загинати и 49.368 ранети војници.
Илустрираше дека човечките резерви на руската армија е огромна и изнесува 25 милиони луѓе, а дека сегашната мобилизација претставува само еден отсто.
„Мобилизацискиот ресурс на земјата изнесува речиси 25 милиони луѓе, малку повеќе од еден процент од Русија се подложни на делумната мобилизација, и тоа оние кои го отслужиле воениот рок, имаат воена специјалност и борбено искуство“, рече Шојгу.
Според него, ваквите мерки се неопходни за контрола на линијата на боиштето, која е долга илјада километри.
„Самата линија на контактот, може да се каже и линијата на фронтот, изнесува повеќе од 1.000 километри. Се разбира, она што е зад неа, тоа мора да се закрепне, тие територии да бидат контролирани. И, се разбира, во прв ред поради тоа се спроведува делумната мобилизација“, рече Шојгу во обраќањето.
Истакна дека со мобилизацијата не се опфатени студентите на универзитетите, и оти тие „нема да одат под никакви околности“. Исто така, нема да бидат мобилизирани и упатени во зоната на борбените дејствија и лицата кои во моментов го служат воениот рок.