Шок и солзи денеска во ГУЦ, соучениците му оддават почит на Иван

Во масовен број учениците од средното градежно училиште „Здравко Цветковски“ утринава се собраа пред училиштето поради самоиницијативната хуманитарна акција за помош на семејството на нивниот соученик Иван Билински, кој трагично загина во сообраќајната несреќа кај Католичка црква во саботата попладне.

Во шок и со солзи, оние кои секојдневно делеле иста училишна зграда со Иван, велат дека за несреќниот настан дознале од медиумите и веднаш потоа преку социјалните мрежи се организирале да направат хуманитарна акција во нивното училиште.

Screenshot_9

Според нив, секој дополнителен денар за семејството на Иван е добредојден, бидејќи иако средствата за погребот експресно се собрани, семејството допрва ќе се соочува со трошоци.

Во ГУЦ, денеска празна беше училницата во која Иван учел. Сите негови соученици беа заминати да оддадат последна почит на своето другарче.

Директорката Драгица Костадиновска вели дека поради невнимание, ГУЦ изгуби прекрасен ученик.

-Штета, ова е голема штета. Иван беше прекрасно дете, сите класови се организирани за на семејството ќе му помогнеме колку што можеме, изјави Костадиновска за НОВА.

Средствата за достоен погреб на шеснаесетгодишниот Иван Билински вчера експресно се собраа преку донации на компании и поединци, по апелот за помош на родителите кои немаат доволно финансии да го организираат неговото последно испраќање. Погребот на Иван е денеска во 11 часот.