Лососот во реката Колумбија се сварил жив кога температурите на водата рекордно се зголемиле за време на топлотниот бран во тие простори.
Видеото кое во вторникот беше објавено од страна на непрофитната организација „Колумбија Риверкипер“ прикажува јато лососи кои пливаат во реката, а се прекриени со црвени лезии како резултат од изложеност на екстремно високи температури, пишува „Гардијан“.
На денот на снимање на видеото, реката достигнала температура од 21 степен, што е смртоносно за овие риби ако во водата се изложени долго време. Законот за чиста вода, забранува температурите на реката да бидат над 20 степени.
Оваа сцена е уште еден пример за трагична смрт предизвикана од топлина. Таа веќе уби стотина луѓе низ северозападниот дел од Пацификот и Канада, предизвика смрт на повеќе од милијарда морски животни и придонесе за пожарите низ целиот регион.
Но, тоа не се случува само поради топлотниот бран. Ситуацијата на реката била влошена и поради бројните брани кои со децении го забавуваат протокот на вода низ Вашингтон и пошироко, а на тој начин исто се зголемува температурата на водата.
Десетици илјади лососи сè уште живеат во реките Колумбија и Долна Змија и додека тие реки се затоплуваат во следните месеци, можат да изумрат уште многу риби. Со оглед на тоа дека лососот во Долна Змија веќе се смета за загрозен вид, загубата и на само мал дел од популацијата може да има страшни последици.