Шолц ја осуди „благата“ декларација на Г20 за Русија

Германскиот канцелар Олаф Шолц во вторникот изрази огорченост што одговорноста на Русија за војната во Украина не е јасно наведена во завршната декларација на самитот на Г-20 во Рио де Жанеиро.

„Рускиот претседател Владимир Путин безмилосно ја бомбардира Украина 1.000 дена.1.000 дена во кои луѓето мораа да страдаат поради слепата мегаломанија, поради намерата едноставно со сила да ја прошират својата земја“, рече Шолц.

Европските делегати на самитот на Г20 во Бразил не беа задоволни од одлуката на претседателот Луис Инасио Лула да Силва да ги прекине разговорите и да ја објави последната декларација на групата еден ден порано за да се намали жестоката дебата за војната во Украина, изјавиле извори за Reuters.

„Ќе биде недоволно ако овие 20 не можат да најдат јасни зборови за одговорноста на Русија по ова прашање“, рече германскиот канцелар на крајот од состанокот на Г-20 во Бразил.

Истовремено, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров за новинарите изјави дека Русија се согласува со точката од завршната декларација на Г20 за Украина, која повикува на „искрен и разумен разговор за мир под реални услови“.

„Постои и параграф за Украина, со кој се согласивме, бидејќи главната работа во него е повик за искрен и разумен разговор за мир на реални основи“, рече Лавров на прес-конференцијата по самитот на Г20.

Лавров ја предводи руската делегација на самитот во име на претседателот Владимир Путин. Претходниот состанок на лидерите на Г-20 се одржа во Њу Делхи во септември 2023 година, на чело на руската делегација беше и Лавров.

Завршната декларација на самитот беше објавена претходно. Според документот, лидерите на Г-20 „ги поздравуваат сите конструктивни иницијативи за решавање на украинската криза насочени кон постигнување одржлив мир“. Дополнително, во декларацијата се наведува дека лидерите на Г-20 го забележуваат „страдањето на луѓето и негативните последици од украинскиот конфликт во областа на безбедноста на храната и енергијата, како и на синџирот на снабдување“.

Во исто време, Шолц ја потврди својата одлука да не испраќа германски крстосувачки ракети со долг дострел во Украина. Тој рече дека Германија е убедливо најголемиот поддржувач на Украина во Европа и ќе остане таква, но дека е важно „сѐ што правиме да го правиме внимателно“.

„Според мене, испораката на крстосувачки ракети би била грешка поради многу причини“, продолжи канцеларот, вклучително и дека тоа може да ја вовлече германската војска директно во војната со Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неколку наврати побара од Германија да испорача ракети „Taurus“ на Киев. Но, Шолц остана цврсто, и покрај повиците од неговите коалициски партнери, Зелените и главната опозициска група, централнодесничарскиот блок CDU/CSU да го стори тоа.