Германскиот канцелар Олаф Шолц во коментарот за дневниот весник Frankfurter Allgemeine Zeitung објавен во неделата се промовира себеси како заговорник на „посилна“ и „геополитичка“ Европска унија во контекстот на војната во Украина.
Во написот германскиот канцелар ја повикува ЕУ да ги збие редовите во сите области на кои државите членки досега беа поделени, од миграциските политики до развојот на заедничка европска одбрана,.
За да се постигне тоа, неговата влада ќе даде конкретни предлози „во следните месеци“, уверува Шолц.
Според германскиот канцелар, ЕУ е „жива антитеза на империјализмот и автократијата, поради што претставува пречка за владетелите како рускиот претседател Владимир Путин“.
„Трајното неединство, трајното несогласување меѓу државите членки нѐ слабее. Затоа единството е најважниот одговор на Европа на новите времиња: Единство. Апсолутно мораме да го одржиме и мораме да го продлабочиме“, предупредува Шолц.
Канцеларот повика на престанување на „себичните блокади на европските одлуки од страна на поедини држави членки“. ЕУ, на пример, во надворешната политика едноставно повеќе не може да си ги дозволи националните вета, доколку сака да ја сфатат сериозно во светот на конкурентските суперсили, додава Шолц.
„ЕУ во меѓувреме и се развива и се шири“, напоменува германскиот канцелар. „Европската унија е попривлечна од кога и да е, им се отвора на нови членки и истовремено ќе се реформира“, тврди Шолц без посочување конкретни примери.