
Германија нема да ги укине ограничувањата за употреба на западно оружје со долг дострел кои ѝ се предадени на Украина, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц. Овој став на Германија нема да се промени дури и ако САД ги укинат ограничувањата, додаде Шолц непосредно пред средбата во Њујорк со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Секогаш сме фокусирани да го поддржиме она што е неопходно и што навистина помага. Сигурно е дека нема да ги укинеме ограничувањата и имаме многу добри причини за тоа“, изјави германскиот канцелар во нејасна изјава дали тоа се однесува и на наведуваните ракети со долг дострел од американско и британско производство како што бара Киев.
Шолц претходно во неколку наврати ја отфрли можноста за испорака на германските крстосувачки проектилите „Taurus“ на Украина и покрај големиот притисок од германските пратеници, вклучително и од неговата владејачка партија и коалицијата.
Украина во нејзината инвазија во руската погранична област Курск ангажираше повеќе од сто тенкови меѓу кои и германските „Leopard“ вклучително и 12 од најсовремената варијанта „2А6“, од кои половината се веќе униптени.
„Истовремено, многу е важно Европската унија итно да ѝ ја обезбеди на Украина ветената помош од 35 милијарди евра. Исто така, од оваа причина е важно нашите сојузници од САД, Канада, Велика Британија и Јапонија да продолжат да ги следат ваквите примери“, рече Шолц.