Шолц ги признава грешките на Германија во врска со гасот

Грешката на Германија во однос на снабдувањето со гасот се состои во тоа што не ја создаде неопходната инфраструктура за увоз на гасот, вели германскиот канцелар Олаф Шолц коментирајќи ја енергетската зависност на Германија од Русија во интервјуто објавено во средата во тиражниот шпански дневен весник El Pais.

„Грешката на Германија не се состои толку во склучувањето договори за снабдување со Русија, туку во неможноста да ја создаде потребната инфраструктура или да изгради терминали за течниот гас (LNG) со цел да ги менува добавувачите од ден во ден доколку тоа е потребно“, вели германскиот канцелар.

Во тој контекст Шолц е убеден дека треба да се продолжи со MidCat, проектот суспендиран во 2019 година за испорака на гас од Алжир преку Португалија, Шпанија и јужна Франција до централна Европа. Притоа, во моментов француската влада не е сигурна во корисноста и оправданоста на овој гасовод.

„Европската унија мора уште повеќе да се обедини… Конкретно, поврзувањето на Пиринејскиот полуостров со европската гасоводна мрежа би бил многу важен чекор за сите нас, поради што ја промовира изградбата на MidCat“, вели Шолц.

Сепак, канцеларот истакнува дека Германија брзо реагирала на намалувањето на испораките на рускиот гас. Така, германската влада, активно подготвувајќи се за претстојната зима, изгради нови терминали за LNG на северот на земјата, потпиша договори за испораки со нови партнери, ги исполни подземните складишта за гасот, рестартира електрани на јаглен и дозволи две нуклеарни централи во јужниот дел од земјата да продолжат со работа до пролет и покрај поранешната одлука за згаснување на нуклеарките.

Истовремено Шолц уверува дека и покрај фактот што во современи услови земјата прибегнува кон користењето „повалкани“ извори на енергија, Германија и натаму е посветена на своите зацртани еколошки цели.

„Напоредно со нашите сегашни напори, го забрзуваме проширувањето на обновливите извори на енергија, особено од морска и ветерната енергија, како и сончевата енергија. Дополнителните емисии (на штетните гасови) што ќе траба да ги ослободиме и оваа и следната зима поради руската инвазија во Украина, нѐ охрабруваат на тоа“, вели Шолц.

Во врска со воената помош за Украина, без да изнесе конкретен рок Шолц истакнува дека Германија ќе го поддржува Киев онолку долго, колку што е неопходно. Берлин веќе испратил значителен број самоодни хаубици, повеќекратни ракетни системи и самоодни топови „Gepard“, потсетува германскиот канцелар.

„Токму ова оружје е особено ефикасно во моментов додека трае украинската офанзива. Ние внимателно ги координираме нашите акции со партнерите и внимателно ја следиме ситуацијата“, појаснува канцеларот.