Шолц го обвини Путин за економските проблеми на Германија

(Photo by Mikhail Klimentyev / Sputnik / AFP)

Рускиот претседател Владимир Путин е виновник за економските проблеми со коишто се соочува Германија, тврдеше во неделата германскиот канцелар Олаф Шолц најавувајќи нови мерки кои треба да го ублажат галопирачкиот раст на животните трошоци.

„Путиновата Русија ги прекрши договорите. Веќе извесно време не ги исполнува обврските за испораките. Русија веќе не е веродостоен добавувач на енергијата“, тврдеше Шолц во најновиот обид на западните челници да ја персонализираат војната во Украина на рускиот претседател.

Тврдењето на Шолц доаѓа ден откако руската гасна компанија „Газпром“ објави дека германскиот партнер „Siemens“ не е во можност да ги сервисира сите компресорски уреди за работење со целосен капацитет на Северен тек 1, единствениот во моментов функционален гасовод со кој во Германија и Европа се испорачува рускиот гас. Исто така, „Газпром“ објави дека по трите дена затворање поради редовното одржување на гасоводот, поради истекување на масло од единствената функционална компресорска станица.

„Смртта и разорувањата се најтешките последици од војната на Путин. Причина за таа многу, многу тешка ситуација е руската инвазија на Украина.. Ќе ја пребродиме зимата“, рече Шолц изразувајќи „емпатија за Германците кои стравуваат од растот на цените“ завршувајќи со оптимистичка порака и тврдејќи дека Берлни „за ова долго се подготвуваше“.

Германската влада во неделата објави дека ќе обезбеди пакет во износ од повеќе од 65 милијарди евра за помош на граѓаните за полесно да се справат со зголемените трошоци за енергенсите и со инфлацијата која достигнува рекордни нивоа по повеќе децении.

Во неделата, исто така, германското министерство за економија на Twitter објави дека полнењето на складираниот гас во земјата надминал 85 отсто од капацитетите. Владата планираше да ја постигна таа граница на 1-ви октомври, односно 95 отсто до 1-ви ноември.

Иако испораките на гасот преку Северен тек 1 во моментов се запрени, складиштата продолжуваат да се полнат, изјави Себастијан Блешке, челник на индустриската организација за складирање на енергенсите.

Увозот на гасот од Норвешка, Белгија и Холандија во моментов се количински поголеми од гасот кој се испорачувал преку Северен тек 1 дури и пред целосното запирање. Меѓутоа, доколку испораките на гасот преку Северен тек 1 не продолжат, тешко ќе биде да се достигнат планираните 95 отсто, посочи Блешке.

 

„Газпром“ целосно ги прекина испораките на гасот преку Северен тек 1 од ноќта на 31-ви август до ноќта на 3-ти септември. Суспендирањето на работата на гасоводот во руската компанија го образложија за „неопходното одржување на единствената компресорска турбина која остана во функција“, чиешто сервисирање според договорот „Siemens“ мора да ги извршува на секои 1.000 работни часови. По завршувањето на работите и доколку бидат отстранети техничките недостатоци на опремата, транспортот на гасот требаше да се врати на нивото од 33 милиони кубни метри дневно.

Од 27-ми јули гасоводот работи со само 20 отсто од својот максимален капацитет, што во „Газпром’ го поврзуваат со проблемите поврзани со извршувањето на договорените обврски од страна на „Siemens“ и влијанието на западните санкции. Една од турбините, произведена во Канада од тамошната филијала „Siemens Energy“ бише испратена на ремонт во погоните крај Монтреал. Поради антируските санкции Отава првично одби да ја врати поправената опрема во Германија, но по реакцијата на Берлин се согласи сепак да ја врати. Меѓутоа, оваа една од шесте други турбини кои треба да бидат ремонтирани, сѐ уште е заглавена во Германија, бидејќи „Газпром“ не ја поседува целосната документација која го овозможува транспортот и ремонтот на опремата за Северен тек. Останатите турбини се неактивни и очекуваат сервисирање од стручњаците на „Siemens“.