Германскиот канцелар Олаф Шолц го пофали во средата „напредокот“ во смирувањето на тензиите меѓу Украина и Русија по интензивните дипломатски напори последните денови.
„Задачата е да се гарантира безбедноста во Европа и мислам дека ќе успееме во тоа“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц на заедничката прес-конференција во Берлин со данската премиерка Мете Фредериксен.
„Ако ја споредите ситуацијата каква беше пред неколку седмици, сага имаме билатерални разговори меѓу САД и Русија, имаме преговарачки формат на Советот НАТО-Русија (…) и разговорите во Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) кој е повторно платформа за комуникации за европската безбедност“, наброи Шолц и додаде дека гледа „напредок“ во сите форми на дијалогот.
Канцеларот, кој во прв ред од САД беше критикуван за воздржаност и наводна попустливост кон Русија, сега е исклучително активен, во понеделникот се сретна со американскиот претседател Џо Бајден а следната седмица патува во Киев и Москва на разговори со тамошните челници.
Шолц не сакаше да влегува во поединости за евентуален одговор, одговарајќи на новинарско прашање за гасоводот Северен тек 2 кој ја очекува последната дозвола од германскиот мрежен регулатор откако го исполни и последното барање да го пренесе седиштетот на компанијата оператор „Nord Stream 2“ од Швајцарија во Германија, дека би можел да биде дел од санкциите доколку Русија ја нападне Украина.
„Согласни сме во тоа дека ќе дејствуваме заедно кога станува збор за санкциите кои мора да се воведат (во случај на руски напад)… Заедно решивме дека нема да го откриваме пакетот“, рече Шолц додавајќи дека западните земји „можат да донесат одлука во секој момент, доколку има потреба“.
Шолц, сепак, пред американските сенатори во текот на неговиот престој во Вашингот на почетокот од седмицата рекол дека гасоводот Северен тек 2 нема да биде ставен во функција доколку дојде до наводната руска инвазија врз Украина.